Моќта на вкаматувањето

Ако анализираме кои се главните фактори кои им овозможиле на богатите луѓе да се стекнат со толкаво богатство, ќе забележиме нешто заедничко кај сите нив – употребата на најважниот ефект во светот на финансиите – вкаматување

За да го разбереме вкаматувањето, најпрвин треба да погледнеме што точно значи проста камата. Проста камата едноставно претставува сумата која сме ја заработиле на оригиналната инвестиција/ влог/ депозит после одреден период .

Да речеме дека сте вложиле 100.000 денари, со 5% проста камата, за период од 3 години.
Каматата која што ќе ја заработувате на крајот на секоја година ќе биде:
5% х 100.000 денари  = 5.000 денари, односно 15.000 денари на крајот на третата година.

Сега замислете дека истата таа сума од 100.000 денари сте ја вложиле, но на крајот на секоја година вашите камати/ добивки се реинвестираат.
Добивката што ќе ја остварите во првата година ќе биде иста како и каматата добиена од вложувањето пари во банка.

Разликата почнува да се приметува на крајот на втората година и третата година.
Да ги споредиме сумите на крајот на третата година:

  • Влогот проста камата ќе ни изнесува 115.000 денари
  • Влогот со реинвестирање на добивката ќе ни изнесува 115.762,5 денари

Тоа значи дека преку реинвестирање ние добиваме добивка која е за 762,5 денари поголема од влогот со проста камата.

Иако оваа сума во конкретниот пример изгледа мала, кога ќе се примени истиов овој ефект на поголеми суми и на поголем период на инвестирање, ефектот станува далеку поголем и повидлив. Причината за тоа е што заработената камата во иднина станува се поголема.

Така, да сме ја оставеле истава оваа сума од 100.000 денари да се реинвестира во период од 20 години, на крајот на дваесетата година ќе сме имале 265.329 денари, односно заработена камата од 165.329 денари, наспроти 100.000 денари заработена камата доколку не сме ја реинвестирале.

Поедноставен начин на гледање на вкаматувањето е преку ефектот на снежна топка.
Доколку направиме едно мало топче од снег и го пуштиме по падина, ќе забележиме дека на почетокот се зголемува, но не толку бргу како што би очекувале. Но, со тек на време тоа станува се поголемо и поголемо бидејќи опфаќа и собира се поголема количина на снег.
Затоа на почетокот придобивките од вкаматувањето се мали, но на долг рок можат да станат доста големи.

Поентата на оваа статија е дека и да вложите мала сума на пари, со тек на време и со користење на ефектот на вкаматување, таа сума може да стане доста голема, и да ви послужи за различни работи, како на пример обезбедување квалитетно образование на вашето дете, купување на недвижен имот, или пак едноставно собирање на сума која ќе ви користи во подоцнежните години

Инвестициските фондови се добар и лесен начин за искористување на овој ефект. Секоја заработена добивка во фондовите се реинвестира, и тоа овозможува постојан раст на уделот.
За да дознаете како функционираат фондовите и нивните удели кликнете тука

За повеќе информации околу инвестициските фондови и нивните предности јавете се на бројот 02 3 100 535 или оставете ги Вашите контакт информации со цел да Ве побараме ние.

    Акции или обврзници

    Во нашите минати статии зборувавме за тоа што се отворените инвестициски фондови, како можете да заработите пари од нив, како и кои се разликите и сличностите помеѓу овие фондови и традиционалните компании.

    Овој пат навлегуваме уште подлабоко во основите на фондовите – самите средства во кои инвестираат портфолио менаџерите.
    Како што веќе спомнавме има неколку видови на фондови меѓу кои акциски (доминантно вложуваат во акции), обврзнички (доминантно вложуваат во обврзници) и кеш фондови (инвестираат доминантно во депозитите на банките).
    Со оглед на тоа што познато ни е тоа што претставуваат депозитите и начинот на нивното функционирање, ние денес ќе зборуваме за акциите и обврзниците.

    Иако и на двата инструмента главната функција им е да обезбедат пари за компанијата, кои ќе ги искористи во своето секојдневно функционирање, овие финансиски инструменти се разликуваат меѓусебно во повеќе погледи.

    Инвестирање во акции/ акциски фондови

    Кога купувате акции, купувате удел во компанијата. Предноста на тоа да сте сопственик на акции е дека секогаш кога компанијата остварува добивка, остварувате и вие.
    Еве неколку карактеристики на акциите:

    • Генерално тие се издаваат од страна на компанијата и постојат се додека постои компанијата. Компанијата може да издава акции во повеќе наврати
    • Се користат за да може компанијата да собере пари
    • Немаат времетраење
    • Компанијата може, но и не мора да исплаќа дивиденда на сопствениците на акциите
    • Цените на акциите, кои зависат од квалитет на работењето на компанијата, повеќе варираат, а со тоа акциите се и поризични инструменти од обврзниците и депозитите

    На долг рок како што се развива компанијата и растат нејзините профити, расте и цената на нејзините акции. Така доколку погледнеме низ историјата ќе забележиме дека сите големи компании како Apple, Microsoft, Amazon, Nestle итн. имаат периоди на пад и на раст на акцијата, но генерално, на долг рок, нивната цена расте.

    Типично, инвеститорите купуваат акции и ги држат долго време. Честопати, портфолио менаџерите (луѓето кои управуваат со самите акции) ја распределуваат сумата за инвестирање, така што продаваат некои акции за кои сметаат дека ќе им опаѓа вредноста и купуваат акции за кои сметаат дека се ефтини во моментот, дека ќе растат и дека ќе исплаќаат дивиденда.

    Како инвеститор, најпаметна одлука е да се инвестира во повеќе акции, односно да се направи диверзифицикација. Тоа значи да се инвестира во различните типови на акции (акции со потенцијал за раст, акции на компании кои имаат веќе постигнато висока вредност на пазарот и носат стабилен раст, акции кои даваат дивиденди, акции од меѓународни компании и слично)

    Но, најчесто обичниот човек не може да го направи тоа самостојно, бидејќи е потребна голема количина на пари. Од друга страна акциските инвестициски фондови ги собираат парите на повеќе инвеститори на еден куп, и ги инвестираат во различни типови на акции.

    Акциските инвестициски фондови се совршено место за инвестирање за:

    • инвеститори со стабилни приходи,
    • инвеститори што имаат инвестициски период над 10 години,
    • помлади луѓе,
    • инвеститори што се спремни да преземат средно до повисоко ниво на ризик

    Инвестирање во обврзници

    За да соберат пари, владите, владините агенции, општините и компаниите можат да продаваат обврзници. Кога ќе купите обврзница, во суштина вие денес позајмувате пари на државите или компаниите на кои им се потребни, а на определен иден датум ја добивате сумата која сте ја инвестирале и одредено ниво на камата.

    Обврзниците може да се гледаат како еден вид на депозит, каде што давате една фиксна сума, во наредните години добивате камата и на крајот на одреден период ја добивате сумата која сте ја вложиле.

    Вообичаени карактеристики на обврзниците:

    • Служат како еден вид на кредит за компанијата или државата
    • Нудат стабилност на исплата на камата
    • Исто како и кај акциите, и обврзниците имаат цена по која се тргуваат на пазарот. Нивната цена зависи од каматата која што ја носат, сигурноста на обврзницата, временскиот период, како и од моменталните пазарни каматни стапки
    • Обврзниците се посигурни инвестиции отколку акциите.

    Иако некои издавачи на обврзници се посигурни од другите, обврзниците генерално нудат стабилност и предвидливост, нешто што е потешко да се најде кај акциите.

    Но тие во себе носат и ризик од неисплаќање на идните обврски. Затоа обврзничките инвестициски фондови инвестираат во различни обврзници за да го намалат овој ризик.
    Приносот на овие фондови е релативно стабилен. Може да проверите тука.

    Обврзничките фондови се оптимални за:

    • инвеститорите што претпочитаат понизок ризик од акциските фондови
    • за инвеститори што имаат период на инвестирање пократок од 10 години, а подолг од 1 година.
    • за постари и поконзервативни инвеститори.

    На крајот изборот што ќе го донесете зависи од вашите финансиски цели и вашата толеранција за ризик.

    За да дознаете каков вид на инвеститор сте вие кликнете тука.

    За повеќе информации околу инвестициските фондови и нивните предности јавете се на бројот 023 100 535 или оставете ги Вашите контакт информации со цел да Ве побараме ние.