Како до најголема продуктивност?

Ајви Ли бил познат американски експерт за публицитет и основач на модерната теорија за односи со јавност. Дел од неговите достигнувања се поврзуваат со градењето на јавниот имиџ на едно од најбогатите американски семејства Рокефелер и нивната компанија Стандард Оил.

Во 1918 година, Ли бил повикан да помогне во подобрување на ефикасноста на тимот на еден од најбогатите луѓе во тоа време,Чарлс Шваб.

На Ајви Ли, како еден од најпочитуваните консултанти за продуктивност, му биле потребни само 15 минути со секој член од тимот за да им ја објасни неговата дневна рутина за постигнување на врвна продуктивност:

  1. На крајот на секој ден, запишете си максимум 6 најбитни задачи кои треба да ги сработите следниот ден.
  2. Дадете им приоритет на секоја од овие задачи, според степенот на нивната важност
  3. На почетокот на следниот ден фокусирајте се само на завршување на задачата со најголем приоритет. Не преминувајте на следната задача, пред да ја завршите таа пред неа.
  4. Завршувајте ги останатите задачи на истиот начин. На крајот на денот, оние задачи кои што Ви останале недовршени, префрлете ги во листата која ќе ја спремате за наредниот ден.
  5. Повторувајте ја оваа постапка секој ден

Неколку месеци подоцна, Чарлс Шваб му испратил чек на Ајви Ли од денешни 400.000 долари, како благодарност за споделувањето на оваа метода, која му помогнала во зголемувањето на ефикасноста на неговиот тим.

Навидум овој метод изгледа доста едноставен, и можеби се прашувате како нешто волку просто може да биде толку ефективно.
Па, што го прави да биде толку ефективно?

Едноставностa води кон негова ефективност. Примарната критика на методите како оваа е дека тие се премногу прости. Тие не ги земаат предвид сите комплексности на секојдневниот живот. Што се случува ако се појави итен случај на кој мора да работите? Дали можеме да ја користиме најновата технологија во наша корист кога работите стануваат посложени?
Генерално, сложеноста ја намалува ефективноста. Доколку работиме на една задача и пробаме да се префрлиме на некоја друга задача, ќе забележиме дека ќе биде многу потешко подоцна да се вратиме на првобитната задача.
Затоа правило е секогаш да се игнорираат останатите активности, се додека не се заврши примарната задача, и секогаш да се држиме на листата со приоритетни задачи

Методата тера да донесувате тешки одлуки. Тие шест задачи дневно ни овозможуваат да поставиме одредени лични лимити. Доколку имате премногу идеи (или сте преокупирани од сите задачи што треба да ги завршите) најдобро е да ги отфрлите сè што не е апсолутно неопходно. Ограничувањата можат да Ви помогнат во фокусот. Факт е дека ако не се фокусирате на една задача, ќе бидете дистрактирани од сите останати.

Ја намалува тешкотијата од превземањето на првиот чекор. Најголемата пречка во завршувањето на повеќето задачи е нивното отпочнување. Станувањето  од каучот може да биде тешко, но откако ќе започнете со работа, многу ќе биде полесно да ја завршите. Методот на Ли ве  тера да ја одберете првата задача во денот уште ноќта пред да одите на работа. Оваа стратегија е неверојатно корисна бидејќи следниот ден веднаш ќе знаете што точно треба да правите и каде да започнете.

Методата бара од Вас работа на една задача наместо мултитаскинг. Митот за мултитаскинг во современото општество се сведува на тоа дека ако работите на повеќе работи одеднаш, Вие сте поуспешни. Но, токму спротивното е точно. Имајќи помалку приоритети води до подобра и поквалитетна работа.
Доколку ги проучуваме сите спортисти, уметници, научници, професори, извршни директори итн. ќе откриеме една карактеристика кај сите нив: фокус на една задача. Причината е едноставна. Вие не може да бидете одлични во одредена задача ако постојано го делите Вашето време и концентрација на десет различни страни. Квалитетот и успехот си бараат фокус и конзистентност.

Заклучок? Секој ден најпрво направете го она што Ви е со најголем приоритет. Тоа е единствениот трик за продуктивност што Ви е потребен.

Програмирани уплати – што претставуваат и кои се придобивките?

Една од најчестите причини за купување удели во инвестициските фондови, од страна на физичките лица, е тоа што овој начин на инвестирање му нуди на инвеститорот можност за остварување на пасивен приход.

Што е пасивен приход?

Приходот кој го заработувате од различни извори каде што не вложувате директно време и труд. Пасивниот приход може да биде во вид на рента од изнајмен простор, камата од депозит, но и добивка од растот на уделите на инвестициските фондови.
Во случајот со инвестициските фондови, Вашиот труд се сведува на инвестирање на вишокот на Вашите средства во фонд, или комбинација од различни фондови, согласно Вашата толеранција на ризик.

Генерално, луѓето многу тешко донесуваат одлука да штедат или да инвестираат. Во голем дел од случаите луѓето се свесни дека е потребно да почнат да издвојуваат средства за штедење. Проблемот произлегува од тоа што тие си велат себеси дека ќе го заштедат или инвестираат тоа што ќе им остане на крајот на месецот.  Но најчесто, како резултат на лошо планирање на буџетот, на крајот на месецот не им останува сума доволна за инвестирање или штедење.

Програмираните уплати преку траен налог го упростуваат овој процес преку директно повлекување на фиксна сума од Вашата трансакциска на почетокот на секој месец и нејзино инвестирање во фондот од Ваш избор. Дополнително го олеснуваат процесот, бидејќи Вие нема да имате потреба да се појавувате и лично да ги депонирате парите, а ќе бидете секогаш во можност да си ја следите Вашата состојба преку Вашиот личен онлајн профил.

Програмираните уплати носат со себе и еден позитивен ефект кој е доста популарен во светот на финансиите. Cost average ефектот, односно ефектот на упросечување на трошоците е една од најголемите предности на програмираните уплати.

Што е основата на cost average ефектот?

Основата на овој ефект е редовно инвестирање на сума на пари, во некое средство (на пример акција или обврзница), без разлика на цената на тоа средство во моментот на купување. Во реалниот свет, тоа тешко се остварува. Затоа пак, инвестициските фондови преку програмираните уплати Ви овозможуваат со Ваш минимален труд да го постигнете токму ова.

Како што знаеме цените на акциите, а и цените на уделите на инвестициските фондови се варијабилни и секој ден имаат различна вредност.

Во основа е многу тешко да се погоди моментот кога точно да се инвестира, односно дали цената на уделот се наоѓа на нејзиниот врв, нејзиното дно или пак негде во средина. За да го намалите ризикот од купување удели во фонд во нивниот врв, се користи cost average ефектот, кој се постигнува преку програмираните уплати.

Наместо да уплатите голема сума одеднаш и со тоа да ризикувате инвестирање во погрешниот момент, програмираните уплати Ви овозможуваат да го намалите ризикот преку купување на удели при различни цени на почетокот на секој месец.
Така ако секој месец инвестирате иста сума на пари, во месеците кога цената на уделот е ниска Вие автоматски купувате повеќе удели, а во месеците кога цената на уделот е висока со истата сума на пари ефективно купувате помалку удели. На крајот на годината Вие всушност плаќате просечна цена од сите месечни уплати. Со тоа го избегнувате ризикот од инвестирање цела сума на пари одеднаш, во период кога цените се во нивните врвови.

За повеќе информации околу програмираните уплати и нивните предности јавете се на бројот 02 3 100 535 или оставете ги Вашите контакт информации со цел да Ве побараме ние.