Објавено на 25.10.2018

Инвестирање на дел од приходите треба да биде приоритет во животот на секој човек без разлика во која деценија од животот се наоѓа.

Без оглед на Вашата возраст, како на секој човек и на Вам Ви е потребно да имате одреден план на инвестирање со цел да ги остварите Вашите поголеми соништа: да можете да купите Ваш дом, да му овозможите квалитетно образование на Вашето дете, да можете да се пензионирате пред време или пак да си дозволите луксузен одмор. Токму во овој пост, можете да дознаете 6 Битни совети за инвестирањето кои малкумина ги знаат…

1. Започнете да инвестирате редовно

Клучен дел од инвестирањето е да го сфатите како редовна навика. Дали некогаш сте го слушнале советот: „Платете се прво себе си.“?

Овој многу познат совет во светот на финансиите значи дека пред да почнете да плаќате за трошоците како струја, вода, храна, облека, треба одреден дел од Вашите приходи да ги одвоите за Вашата иднина, соништа и сигурност. Тоа најдобро би го направиле доколку одреден дел од Вашите пари би ги намениле кон соодветна инвестиција. Вие самите одлучувате колку секој месец ќе одвојувате за инвестирање, но тоа направете го однапред.

2. Нe трошeте повеќе од тоа што го заработувате.

Инвестирањето Ви дозволува да заработувате од Вашите пари, додека позајмувањето само Ви ги зголемува трошоците. Секогаш трошете помалку од тоа што заработувате, во спротивно целиот Ваш живот ќе зависите исклучиво од платата која ја заработувате.

3. Исполнете го животот со убави спомени и незаборавни моменти.

Успевање на Вашето дете преку квалитетно образование на некој од најреномираните факултети во светот, реновирање на Вашиот дом, купување на куќа, стан, одење на луксузен одмор или дозволување на полуксузен аксесоар се работи кои животот го прават поубав и го исполнуваат со убави спомени. Но, сите овие работи во главно чинат многу повеќе од тоа што просечен човек може да си го дозволи со месечната плата. Токму затоа, треба да почнете веднаш да инвестирате. Сите овие убави работи Вие ги заслужувате! Не дозволувајте обичните секојдневни сатисфакции да Ве спречат да одвојувате дел од Вашите пари за инвестирање и да Ви оневозможат да ги искусите најубавите работи кои животот ги нуди, а се поскапи. Во овој контекст ќе ја споменеме поговорката: „Направи го денес тоа што сите можат да го направат, за да можеш утре да го направиш тоа што малкумина можат.“

4. Секогаш мора да имате средства наменети за „црни денови“.

Немојте да си дозволите, во целост да зависите од работата која ја работите. Одреден сплет на околности може да Ве доведе до ситуација да Ви се потребни повеќе средства. Генералното правило е дека секогаш треба да имате акумулирано минимум 3 месечни плати во ликвидни средства, како вид на заштита од несакани настани.

5. Поставете си Ваши цели за инвестирање.

Успешните инвеститори си поставуваат цели за кои ќе инвестираат и прават прецизен план за секоја цел колку ќе инвестираат месечно, а потоа инвестираат по тој план без отстапки. Бидете и Вие успешен инвеститор, направете го истото. Пример: сакате да си дозволите егзотично патување, пресметајте ги сите трошоци кои би биле поврзани со тоа патување, потоа одредете кога сакате да одите на тоа патување, колку време би требало да штедите и колкав износ месечно за да ги соберете потребните пари.

6. Правило на палецот: минимум 20% од Вашите приходи наменете ги за штедење и инвестирање.

Но, наш совет е да почнете поскромно, односно почнете да одвојувате 10% од Вашата плата за штедење и инвестирање. Пример, доколку заработувате 25.000 денари, веднаш по приливот, 2.500 денари инвестирајте ги, а 22.500 денари, определете ги за трошење. Одвојување на 2.500 денари месечно, би значело да одвојувате дневно само 82 денари за Вашата иднина, сигурност или соништа.