Објавено на 25.10.2018

Откако ќе донесете одлука да инвестирате за остварување на Вашите соништа и цели во животот, следната одлука која треба да ја донесете е каде и зошто таму да ги инвестирате Вашите средства. Во овој пост ќе дознаете зошто Вашите средства е најдобро да ги инвестирате во инвестициски фондови..

 

1. Автоматска диверзификација

Првата придобивка од инвестициските фондови е неверојатната диверзификација што тие ја нудат, односно инвестирањето во различни инструменти, валути, сектори и држави.
Диверзификацијата помага во избегнување на катастрофални загуби и ги штити портфолијата за време на економските превирања со распределување на вкупните инвестиции во повеќе различни видови средства, во различни индустрии и во различни држави. На пример, поради малиот обем на средства кои една индивидуа е спремна да ги инвестира, таа индивидуа најчесто не може да си дозволи самата да има инструменти од повеќе држави, па така сите средства би ѝ биле изложени во компании од само една или две држави. Ризикот од поголема политичка нестабилност или економска криза во некоја од овие 2 држави би имал многу поголем ефект врз Вашата инвестиција, отколку кога средствата би биле инвестирани во 10 или 15 држави. Една стара поговорка вели: „Не ги чувајте сите јајца во една кошничка, бидејќи може да ви падне и сите јајца да ви се скршат.“

Со цел да се постигне оптимално диверзификувано портфолио, потребно е да се инвестира во широк спектар различни хартии од вредност од различни сектори. Доволно диверзификувано портфолио бара обемен истражувачки и инвестициски капитал.

Преку инвестирање во инвестицискиот фонд Вие со мала уплата всушност постигнувате високо диверзификувано портфолио какво што имаат и најбогатите луѓе во светот. Инвестицискиот фонд, преку здружување на средствата на сите инвеститори во тој фонд, искористувајќи ја експертизата на портфолио-менаџерот и на преостанатите вработени во друштвото што управува со тој фонд, успева да постигне диверзификувано портфолио по различни држави и сектори, а притоа бенефитите од диверзификацијата ги добива секој инвеститор во фондот.

2. Персонализирана услуга

Покрај диверзификацијата, најголемата предност на инвестициски фондови е што постојат различни видови. Во зависност од Вашата толеранција кон ризик и желбата за принос, можете да направите комбинација од различни инвестициски фондови и да го достигнете сопствениот карактеристичен оптимум. На следниот линк со одговарање на неколку прашања ќе добиете предлог како да ги распределите Вашите средства во фондовите под наше управување.

Кликнете и дознајте каков инвеститор сте Вие.

3. Пристап до средства со висока вредност

Инвестициските фондови ги здружуваат инвестициите на многу инвеститори, за да можат да инвестираат во акции, обврзници и други хартии од вредност кои можат да бидат надвор од имотниот стандард на еден клиент, ако тој инвестира во нив индивидуално. Инвестициските фондови Ви овозможуваат да го искористите растот и исплатата на дивиденди од големи компании, како што се компанијата Coca Cola и BMW, без да се бара масовно количество капитал за купување акција од конкретна компанија.

4. Достапност и ликвидност

Средствата во инвестициските фондови се ликвидни, односно Фондовите имаат законска обврска во рок од 7 дена од поднесување на барањето за откуп да Ви ги исплатат средствата по вредност од денот кога е поднесено Барањето за откуп.

Дополнително, инвеститорите во секој момент имаат можност да ја проверат состојбата на своите средства на својот личен профил.

5. Професионален менаџмент.

Инвестициските фондови ги менаџираат професионалци чиe цело образование и цела кариера е насочена кон остварување профит за сопствениците на удели.

6. Принос без напор.

Најголем бенефит од професионалниот портфолио менаџмент е остварување на принос без Ваш дополнителен напор. Откако ќе ја направите инвестицијата во инвестициски фонд, Вие може мирно да следите како Вашите средства се оплодуваат, знаејќи дека портфолио-менаџерите на фондовите работат кон тоа Вашите инвестиции да бидат профитабилни. Во спротивно, барањето на најдобра инвестиција самите, би Ви одземало многу од Вашето слободно време и ресурси.