Акции или обврзници
Во нашите минати статии зборувавме за тоа што се отворените инвестициски фондови, како можете да заработите пари од нив, како и кои се разликите и сличностите помеѓу овие фондови и традиционалните компании.
Овој пат навлегуваме уште подлабоко во основите на фондовите – самите средства во кои инвестираат портфолио менаџерите.
Како што веќе спомнавме има неколку видови на фондови меѓу кои акциски (доминантно вложуваат во акции), обврзнички (доминантно вложуваат во обврзници) и кеш фондови (инвестираат доминантно во депозитите на банките).
Со оглед на тоа што познато ни е тоа што претставуваат депозитите и начинот на нивното функционирање, ние денес ќе зборуваме за акциите и обврзниците.
Иако и на двата инструмента главната функција им е да обезбедат пари за компанијата, кои ќе ги искористи во своето секојдневно функционирање, овие финансиски инструменти се разликуваат меѓусебно во повеќе погледи.
Инвестирање во акции/ акциски фондови
Кога купувате акции, купувате удел во компанијата. Предноста на тоа да сте сопственик на акции е дека секогаш кога компанијата остварува добивка, остварувате и вие.
Еве неколку карактеристики на акциите:
- Генерално тие се издаваат од страна на компанијата и постојат се додека постои компанијата. Компанијата може да издава акции во повеќе наврати
- Се користат за да може компанијата да собере пари
- Немаат времетраење
- Компанијата може, но и не мора да исплаќа дивиденда на сопствениците на акциите
- Цените на акциите, кои зависат од квалитет на работењето на компанијата, повеќе варираат, а со тоа акциите се и поризични инструменти од обврзниците и депозитите
На долг рок како што се развива компанијата и растат нејзините профити, расте и цената на нејзините акции. Така доколку погледнеме низ историјата ќе забележиме дека сите големи компании како Apple, Microsoft, Amazon, Nestle итн. имаат периоди на пад и на раст на акцијата, но генерално, на долг рок, нивната цена расте.
Типично, инвеститорите купуваат акции и ги држат долго време. Честопати, портфолио менаџерите (луѓето кои управуваат со самите акции) ја распределуваат сумата за инвестирање, така што продаваат некои акции за кои сметаат дека ќе им опаѓа вредноста и купуваат акции за кои сметаат дека се ефтини во моментот, дека ќе растат и дека ќе исплаќаат дивиденда.
Како инвеститор, најпаметна одлука е да се инвестира во повеќе акции, односно да се направи диверзифицикација. Тоа значи да се инвестира во различните типови на акции (акции со потенцијал за раст, акции на компании кои имаат веќе постигнато висока вредност на пазарот и носат стабилен раст, акции кои даваат дивиденди, акции од меѓународни компании и слично)
Но, најчесто обичниот човек не може да го направи тоа самостојно, бидејќи е потребна голема количина на пари. Од друга страна акциските инвестициски фондови ги собираат парите на повеќе инвеститори на еден куп, и ги инвестираат во различни типови на акции.
Акциските инвестициски фондови се совршено место за инвестирање за:
- инвеститори со стабилни приходи,
- инвеститори што имаат инвестициски период над 10 години,
- помлади луѓе,
- инвеститори што се спремни да преземат средно до повисоко ниво на ризик
Инвестирање во обврзници
За да соберат пари, владите, владините агенции, општините и компаниите можат да продаваат обврзници. Кога ќе купите обврзница, во суштина вие денес позајмувате пари на државите или компаниите на кои им се потребни, а на определен иден датум ја добивате сумата која сте ја инвестирале и одредено ниво на камата.
Обврзниците може да се гледаат како еден вид на депозит, каде што давате една фиксна сума, во наредните години добивате камата и на крајот на одреден период ја добивате сумата која сте ја вложиле.
Вообичаени карактеристики на обврзниците:
- Служат како еден вид на кредит за компанијата или државата
- Нудат стабилност на исплата на камата
- Исто како и кај акциите, и обврзниците имаат цена по која се тргуваат на пазарот. Нивната цена зависи од каматата која што ја носат, сигурноста на обврзницата, временскиот период, како и од моменталните пазарни каматни стапки
- Обврзниците се посигурни инвестиции отколку акциите.
Иако некои издавачи на обврзници се посигурни од другите, обврзниците генерално нудат стабилност и предвидливост, нешто што е потешко да се најде кај акциите.
Но тие во себе носат и ризик од неисплаќање на идните обврски. Затоа обврзничките инвестициски фондови инвестираат во различни обврзници за да го намалат овој ризик.
Приносот на овие фондови е релативно стабилен. Може да проверите тука.
Обврзничките фондови се оптимални за:
- инвеститорите што претпочитаат понизок ризик од акциските фондови
- за инвеститори што имаат период на инвестирање пократок од 10 години, а подолг од 1 година.
- за постари и поконзервативни инвеститори.
На крајот изборот што ќе го донесете зависи од вашите финансиски цели и вашата толеранција за ризик.
За да дознаете каков вид на инвеститор сте вие кликнете тука.
За повеќе информации околу инвестициските фондови и нивните предности јавете се на бројот 023 100 535 или оставете ги Вашите контакт информации со цел да Ве побараме ние.