Пред да пристапите во фондот Ве молиме прочитајте ги:
Документ со Клучни информации за инвеститорот
и оставете ни Ваши контакт податоци и ние ќе Ве контактираме за да закажете бесплатна средба со наш соработник:
Табеларен приказ на видови ризици и оценка на нивно влијание врз Фондот (четири нивоа:, низок, среден, висок, екстремно висок)
Вид на ризик Степен на влијание
Пазарен ризик Среден
Каматен ризик Висок
Кредитен ризик Среден
Ликвидносен ризик Низок
Валутен ризик Низок
Ризик од промена на даночните прописи Низок
Политички ризик Низок
Оперативен ризик Среден
Пазарен ризик
Нето вредноста на уделот во Фондот зависи од движењето на пазарните цени на хартиите од вредност кои се составен дел на портфолиото на Фондот. Намалувањето на цената на хартиите од вредност може да доведе до намалување на вредноста на портфолиото на Фондот и на остварените приноси и обратно, зголемувањето на цената на хартиите од вредност може да доведе до зголемување на вредноста на портфолиото на Фондот и на неговите приноси. Со цел на заштита од пазарниот ризик, Друштвото ќе се залага за негово минимизирање преку диверзифицирање на портфолиото, согласно со принципот на дистрибуција на ризикот.
Каматен ризик
Промената на каматните стапки може позитивно или негативно да се одрази на вредноста на средствата на Фондот, бидејќи поголемиот дел од средствата ќе бидат инвестирани во должнички хартии од вредност и депозити во овластени банки во Р. Северна Македонија. Имено, промената на каматните стапки е обратнопрoпорционална со промената на цената на должничките хартии од вредност. Осетливоста кај краткорочните хартии од вредност, по правило е помала во однос на долгорочните хартии од вредност. Со цел намалување на овој ризик, Друштвото ќе вложува во хартии од вредност со различни рокови на достасување.
Кредитен ризик
Кредитниот ризик претставува веројатност дека издавачот на одредена хартија од вредност нема да биде во состојба, во целост или делумно, да ги подмири своите обврски во моментот кога тие ќе доспеат. Неисполнувањето на обврските од страна на издавачите на хартии од вредност би имало влијание на ликвидноста и би ја намалило вредноста на Фондот. Друштвото ќе се залага за намалување на овој ризик преку инвестирање во финансиски инструменти согласно ограничувањата предвидени во Законот и овој Проспект, анализи на издавачите, како и анализа на целокупните економски и политички услови.
Ликвиден ризик
Ризик поврзан со ликвидноста претставува веројатност дека Фондот во одреден момент ќе има тешкотии при изнаоѓање на средства за да ги подмири обврските поврзани со повлекување на удели од Фондот како резултат на неможноста брзо да се продадат финансиските средства по цена приближно еднаква на нивната реална вредност, пред сè поради моменталната неповолна побарувачка на пазарот. Друштвото ќе управува со ликвидниот ризик преку вложување во најликвидни хартии од вредност.
Валутен ризик
Валутниот ризик претставува форма на ризик која се јавува при промената на цената на една валута во однос на друга. Најмалку 70% од имотот на Фондот е изложен кон хартии од вредност деноминирани во евра, без валутно осигурување (hedging), додека останатиот дел од имотот на фондот може да е изложен кон хартии од вредност деноминирани во други валути. Можните промени на еврото и останатите валути во однос на домашната валута може да доведат до зголемување или намалување на вредноста на уделот. Овој ризик Друштвото нема да го управува и истиот се прифаќа како таков.
Ризик од промена на даночните прописи
Ризикот од промена на даночните прописи представува веројатност дека законодавната власт, во Република Северна Македонија или во странство, ќе ги промени даночните прописи на начин кој негативно би влијаел на приносот на Фондот. Ризикот од промена на даночните прописи во целост е надвор од доменот на влијание на Друштвото.
Политички ризик
Можноста од евентуални политички кризи во земјите во коишто инвестирал Фондот согласно овој Проспект, може да доведе до промена на имотот на Фондот. За да се заштити од овој ризик Друштвото ќе го инвестира имотот на Фондот на начин што ќе овозможи што помало изложување на пазарите на кои може да се очекува политичките кризи да имаат поголемо влијание.
Оперативен ризик
Ризик од загуба поради несоодветни или слаби внатрешни процеси, несоодветен кадар и несоодветни или слаби системи и надворешни настани. Оперативниот ризик го вклучува и правниот ризик, ризикот од перење пари и финансирање на тероризмот, како и ризикот од несоодветност на информациските системи за работа.